Новак е кралот на лавовите! Бекер за Ѓоковиќ: Меси, Леброн, Брејди – Србинот им е најдобар!

Поранешниот тренер на Новак Ѓоковиќ, Борис Бекер зборуваше за германски „Еуроспорт“, а една од темите на подкастот беше и најдобриот тенисер на светот.

Легендарниот Германец, кој сега работи како тренер на Холгер Руне, имаше многу пофални зборови за најдобриот тенисер во историјата на „белиот спорт“.

– За мене тој е крал на лавовите! Тоа што Новак го направи во својата 17-годишна кариера е неверојатно, а својот најдобар тенис го игра на 36 години. Тој годинава освои три Грен слемови. Стигна до финалето на Вимблдон – беше толку блиску до календарски грен слем и сето тоа на 36-годишна возраст. Тој не е од овој свет. Во четврток играше два и пол часа во Париз, во петокот три часа против Холгер Руне, потоа три часа против Андреј Рублев – нормален човек би се изморил, а Новак станува подобар и потоа го победи силниот Григор Димитров во финалето. Потоа сето тоа го повтори и на Завршниот Мастерс, изјави тенискиот стручњак на „Еуроспорт“.

Бекер го спореди Ѓоковиќ со врвни спортисти во другите спортови.

– Можеби треба да гледаме воопшто. Тој не е само најдобар тенисер во моментов, туку и најдобар спортист. Сакам да го споредам со Лионел Меси, Леброн Џејмс и Том Брејди – за мене тоа е категоријата во која Новак Ѓоковиќ е најдобар. Сите доминираа во доцните триесетти години, истото го прави и Ѓоковиќ. Се надевам дека ќе продолжи уште долго, бидејќи ништо подобро не може да им се случи на младите играчи од тоа да се натпреваруваат на исто ниво со најуспешниот играч на сите времиња. Тоа е најдобрата лекција во тенисот, изјави Борис Бекер.