Нови ноќни возови: Тие ќе сообраќаат на линии низ Европа

Современиот дизајн на возовите во Австрија на патниците им овозможува пред се поголема приватност и повеќе содржини, а тие би можеле да бидат во масовна употреба веќе на крајот на годината.

Ноќното патување со воз се враќа во Европа. Австрискиот железнички оператор OeBB ја претстави својата нова генерација возови за спиење како одговор на барањата на патниците за поодржливи и позелени алтернативи на авионите и автомобилите.

Во борбата против загадувањето на планетата, по неколкугодишно запоставување, сите превозници ширум Европа инвестираат многу за модернизирање на нивните флоти. Покрај тоа, нивните акции имаат за цел да го популаризираат патувањето со воз, кое сите го опишуваат како едноставно и практично.

Државниот оператор OeBB, кој има 20 железнички линии низ Европа, беше пионер во заживувањето на новите туристички услуги. Оваа компанија ја има најголемата флота на коли за спиење во Европа и се надева дека ќе го удвои бројот на патници кои ќе патуваат ноќе до 2030 година.

Новите австриски возови се „чист луксуз“. Имаат модерен дизајн, нудат поголема приватност и повеќе содржини. Секоја кабина за две лица има сопствена бања со тоалет. Постојат дури и единечни кабини за соло патници кои бараат поголема приватност.

Новите возови ќе сообраќаат на релации низ Европа, од Австрија до Германија, Италија, Холандија и Швајцарија. Франција е и земјата со која Австрија ќе се поврзе со овие возови, а во најбрз можен рок ќе ги прошири линиите и кон другите делови на Стариот континент.