Нов биланс на жртви во ураганот Отис: Акапулко живее сред хаос, потонати бродови, прекината комуникација (ФОТО/ВИДЕО)

Еден од најмоќните и најразорните урагани што некогаш го погодиле брегот на Пацификот, оставајќи 220.000 домови оштетени

Бројот на загинати во ураганот Отис од петта категорија што го погоди Мексико се искачи на 39 , соопштија денеска мексиканските власти. 

Ураганот во средата го погоди јужниот брег на Тихиот Океан, а во четвртокот беше објавено дека загинале 27 лица, пренесе АП. 

Според податоците на Обвинителството на државата Гереро, животот го загубиле 29 мажи и 10 жени .

Отис, кој се смета за еден од најмоќните и најразорните урагани што некогаш го погодиле брегот на Пацификот, исто така остави 220.000 домови оштетени и 80% од хотелите сериозно оштетени.

Акапулко сега живее во средината на хаосот. Во поголем дел од градот нема струја, вода, телефонска услуга, гориво, ниту интернет сигнал. Неколку луѓе сè уште немаат комуникација со своите најблиски, според објавите на социјалните мрежи.

На видеата кои се појавија на мрежите може да се види како закотвените бродови се целосно уништени и потонати.

Федералната комисија за електрична енергија (CFE) проценува дека услугата за електрична енергија во општината може да биде обновена до јануари 2024 година. Во моментов, тоа го направи во 55% од погодените области во државата.

Храната е оскудна поради грабежите на продавниците и бизнисите. Додека хуманитарната помош пристигнува во темница, поради оштетувања на аеродромите и патиштата.

Војската помогна во расчистувањето на теренот по ураганот.