Едно лице загина, а 69 се повредени во земјотресот од 5,6 степени по Рихтеровата скала кој во 12:04 часот по локално време денеска ја погоди турската провинција Малатија. Овој земјотрес следи три недели по земјотресите од 6 февруари.
Од Управата за вонредни ситуации на Туркије (АФАД) соопштија дека епицентарот на земјотресот бил во округот Јешилјурт. Земјотресот се случил на длабочина од 6.96 километри.
„По земјотресот е утврдено дека има урнати згради, а нашите тимови за потрага и спасување брзо се упатени во тој регион и започнаа со акции”, се вели во соопштението од АФАД.
Бројот на загинати во разорните земјотреси што ја погодија Туркије на почетокот на месецот се искачи на 44.374.