НОВ СКАНДАЛ ВО СЕРИЈА А: Полицијата упадна во канцелариите на италијанските фудбалски гиганти! Се чешлаат неправилностите при трансферите!

Откако Италијанската фудбалска федерација го казни Јувентус со одземање 15 бода поради финансиска измама, на повидок е нов голем скандал во италијанскиот фудбал.

Според „Газета дело спорт“, финансиската полиција упаднала во канцелариите на Лацио, Рома и Салернитана, каде што истражува евентуални неправилности во одредени трансфери, како и стекнување и продажба на права за застапување играчи.

Угледниот италијански весник истакнува дека во случајот со Лацио и Салернитана се проверуваат трансакциите меѓу двата клуба во периодот од 2017 до 2021 година. Во моментот кога клубот од околината на Неапол се врати во Серија А, прв човек на овој клуб беше Клаудио Лотито, кој е и претседател на „небесно сините“ од Рим.

Ова веќе крена голема прашина бидејќи правилата не дозволуваат еден човек да раководи со два клуба во исто време во исто натпреварување, па Лотито беше принуден да го продаде клубот.

Но, постои сомнеж дека во наведениот период од четири години имало неправилности во деловното работење на клубовите кои се товарат дека ги прекршиле правилата за водење деловни книги кога станува збор за сумите кои се плаќале за внесување и продажба на играчи, како и нивната заработка. Се истражуваат и трансакции поради наводни хартии за непостоечки трансфери.

Што се однесува до Рома, „Газета“ пишува дека „под лупа“ се трансферите на играчи кои се случија од 2017 до 2021 година, со исклучок на 2020 година.

Споменатиот извор посочува дека под истрага се претседателот и потпретседателот на Рома, Ден и Рајан Фредкин, тогаш поранешниот претседател Џејмс Палота, сите за трансфер на играчи, а меѓу деветте осомничени е и поранешниот извршен директор на Вучица, Умберто Гандини, кој сега е на чело на италијанската кошаркарска лига.

Во Лацио, покрај првиот човек Клаудио Лотито, под истрага се и спортскиот директор Игли Таре, како и уште петмина членови на управата на клубот.