НУКЛЕАРНАТА ЕЛЕКТРАНА КРШКО ВО ВОНРЕДНА СОСТОЈБА: Поради надојдената Сава состојбата будно се следи, електраната работи нормално
Нуклеарната централа Кршко ја известила Управата за нуклеарна безбедност на Словенија дека во 18:30 часот прогласила вонреден настан поради големиот проток и високиот водостој на реката Сава.
Раководството на нуклеарната централа Кршко (НЕК) излезе со соопштение во врска со големото невреме во Словенија, во кое посочува дека НЕК будно ја следи состојбата и е во состојба на готовност.
– Нуклеарната централа Кршко е во безбедна и стабилна работа. Поради големиот проток и високото ниво на реката Сава, будно ја следиме состојбата, персоналот на електраната е во состојба на подготвеност – порачаа од НЕК.
На прашањето што значи одлуката да се стави персоналот на НЕК во готовност, експертот за нуклеарна енергија Тончи Тадиќ рече дека изјавата на НЕК „во целина претставува прецизни и очекувани информации во такви ситуации“.
– Соопштението на НЕК во делот поврзан со течењето на Сава служи за смирување на јавноста. Електраната работи нормално и нема што да се додаде на тоа – рече Тадиќ.
Претходниот пат раководството на НЕК даде слична изјава во врска со малиот земјотрес што го погоди Брежице на 2 мај годинава. Обилните дождови во Словенија во петокот предизвикаа опасни поплави во кои загинаа најмалку три лица.
Податоците на Агенцијата за животна средина (АРСО) покажуваат дека во делови од северна, северозападна и централна Словенија паднале над 100 милиметри дожд во рок од 24 часа, што е просечната месечна количина на врнежи. Невремето во Словенија ја создаде најлошата состојба во областа Шкофје Лока, во долините Селц и Пољана, кои се отсечени од светот поради поплавените патишта.
Нивото на водата на Сава од утрово порасна за речиси 330 сантиметри, покажуваат податоците што ги објави Хрватске вода. Сава се излеа во Загреб, а врвот на водениот бран допрва треба да се очекува. Зоран Ѓуроковиќ, директор на „Хрватске вода“ за ХРТ изјави дека врвот на поплавниот бран може да се очекува по полноќ, кон утринските часови.