ОБВИНЕТ ЗА ПРИМАЊЕ МИТО Мистериозна смрт на друг руски олигарх: Пронајден мртов во затворска ќелија

Откако беше обвинет за примање мито, уште еден руски олигарх е пронајден мртов под неразјаснети околности.

Телото на 49-годишниот Игор Шкурко, заменик генерален директор на руската енергетска компанија Јакутскенерго, беше пронајдено во затворска ќелија во рускиот град Јакутск. Еден ден претходно, тој поднесе жалба против, како што тврди, неправедните обвинувања за примање мито.

Засега не се објавени официјални детали за неговата смрт, но „прелиминарните податоци“ на истрагата покажуваат дека нема докази дека тој е убиен. Тој бил во затвор поради обвинувања дека побарал поткуп од околу 5.700 евра.

„Обвинетиот беше пронајден во ќелијата и не даваше знаци на живот. Лекарите констатираа смрт по пристигнувањето. Инспекторите беа повикани на местото на настанот“, се вели во соопштението на руската федерална затворска служба, објави Дејли мејл.

Шкурко, татко на две деца, беше член на про-путинската партија Единствена Русија , но неговото членство беше замрзнато поради обвинувањата. Покрај тоа, тој беше задолжен за менаџирање на техничката страна на Јакутскенерг.

Серија сомнителни смртни случаи

Многумина забележаа дека од почетокот на војната во Украина, голем број влијателни луѓе во Русија загинале во необјаснети или сомнителни околности. Минатиот месец, истражувачките новинари од Новаја Газета Европа и Транспаренси Интернешнл Русија ја поврзаа серијата смртни случаи со перење пари во енергетската компанија Гаспром, која го збогати семејството на извршниот директор и неговите соработници од тајните служби и армијата.

Меѓу сомнителните смртни случаи е и онаа на Александар Тиулијаков, заменик-шефот за корпоративна безбедност на трезорот на Гаспром. Тој беше пронајден мртов ден по инвазијата во село управувано од енергетска компанија. Иако официјално се тврди дека извршил самоубиство, тој бил брутално претепан пред неговата смрт.

Два месеци подоцна, Владислав Аваев (51), потпретседател на Гаспромбанк и поранешен функционер на Кремљ, исто така беше пронајден мртов. Покрај него, загинаа и неговата сопруга Еленеа (47) и ќерката Марија (13).

Инспекторите заклучиле дека тие биле убиени од Владислав пред да си го одземе животот, но поранешен висок функционер на Гаспромбанк рече дека се сомнева во тоа и дека Авајев имал пристап до приватните сметки на елитните клиенти, вклучително и блиски соработници на Владимир Путин.