Обложувачки скандал во Шпанија: Уапсена ѕвезда од Ла Лига

Шпанската полиција го приведе 22-годишниот дефанзивец на Севиља, Кике Салас, под обвинение дека намерно правел фаули за да добие жолти картони. На овој начин блиски до него наводно заработувале преку обложување, јавуваат RTVE и EFE, повикувајќи се на извори блиски до истрагата.

Полицијата верува дека Салас ја спроведувал оваа практика за време на натпреварите кон крајот на сезоната, кога Севиља беше безбедно на средината на табелата. Клубот тогаш немаше шанси да се натпреварува за титулата или европските натпреварувања, а во исто време беше далеку од зоната за испаѓање. Сезоната ја завршија на 14. место од 20 екипи.

Покрај Салас, на распит биле донесени и двајца негови пријатели. Сите тројца по давање изјави се пуштени на слобода.

Играчот дал изјава во полиција и сега е дома. „Внимателно ја следиме ситуацијата и ги анализираме сите информации“, изјави портпаролот на Севиља, Хуан Баеза.

Кике Салас, кој оваа сезона е редовен во Севиља, одигра 16 натпревари на позициите централен и лев бек, со три жолти картони. Пред само дваесетина дена тој го продолжи договорот со клубот до летото 2029 година.