ОБЈАВЕН ТЕКСТ НА АНЕКСОТ: Сите точки за кои Белград и Приштина се договорија на преговорите во Охрид

Прочитајте го текстот на Анексот на Договорот за нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина.

Објавен е анексот за имплементација на договорот за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина , кој го пренесуваме во целост. Анексот е објавен на веб-страницата на дипломатската служба на Европската унија, по преговорите меѓу претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и премиерот на приштинските привремени институции, Аљбин Курти.

  • Овој Анекс е составен дел на Договорот.
  • Косово и Србија целосно се обврзуваат да ги почитуваат сите членови од Договорот и овој Анекс и да ги спроведат своите обврски од Договорот и Анексот брзо и во знак на добра волја.
  • Двете страни признаваат дека Договорот и Анексот за имплементација стануваат составен дел на нивните процеси за пристапување во ЕУ. Страните забележуваат дека веднаш по усвојувањето на Договорот и Анексот, посредникот на ЕУ ќе започне со процес на измена на критериумите од Поглавјето 35 за Србија со цел да се вклучат новите обврски кои произлегуваат од Договорот и Анексот. Агендата на Косовската специјална група за нормализација ќе ги одрази и новите обврски на Косово од Договорот и од Анексот.
  • Страните се согласуваат да ја поддржат Декларацијата за исчезнати лица, како што е договорено во дијалогот со посредство на ЕУ, како итна работа.
  • За да се имплементира членот 7, Косово веднаш иницира преговори за дијалог за да се воспостават конкретни аранжмани и гаранции и да се обезбеди соодветно ниво на самоуправа за српската заедница во Косово, во согласност со релевантните претходни договори за дијалог, според одредбите на посредникот на ЕУ.
  • Страните се согласија да формираат Заеднички комитет за следење, со кој претседава ЕУ, во рок од 30 дена. Спроведувањето на сите одредби ќе го надгледува тој комитет.
  • Со цел да се имплементира членот 9, ЕУ во рок од 150 дена ќе организира донаторска конференција за воспоставување пакет финансиска помош и инвестиции за Косово и Србија. Средствата нема да бидат распределени пред ЕУ да утврди дека сите одредби од Договорот се целосно имплементирани.
  • Косово и Србија се согласуваат сите членoви да се спроведуваат независно една од друга.
  • Редоследот на ставовите од Анексот не го означува редоследот на имплементација.
  • Косово и Србија се согласуваат да не го блокираат спроведувањето на ниту еден член.
  • Сите дискусии за спроведувањето ќе се одвиваат во рамките на дијалогот со посредство на ЕУ.
  • Косово и Србија го забележуваат фактот дека секое непочитување на обврските од Договорот, Анексот или претходните договори во рамките на дијалогот може да има директни негативни последици за нивните процеси за пристапување во ЕУ, како и прашањето за финансиската помош што ја добиваат од ЕУ. .

Претседателот Вучиќ најави дека ќе и се обрати на јавноста во недела во 11 часот. Тој претходно изјави дека се договорени неколку точки , а Јосеп Борељ изјави дека преговорите не биле лесни .