овачевски: Избори во мај, коалицискиот договор со ДУИ е јасен

Сметам дека постои доволно простор во мај да се организираат изборите, во нивниот редовен термин, а за финалните ставови на политичките партии ќе информираме тогаш кога ќе се постигне поширок консензус во рамките на Парламентот, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски.

Според него, сите кадровски решенија ќе бидат споделувани со јавноста како што ќе се носат од официјалните партиски тела.

СДСМ и ДУИ, подвлече премиерот, имаат јасен коалициски договор, а Алијанса за Албанците (АА) има капацитет да разговара за економски просперитетна држава и општество со социјална правда и демократија на највисоко ниво, со слобода на медиумите и владеење на правото, кои се основи, потенцира, за градење широкиот коалициски фронт.

Во моментов, информира Ковачевски, течат разговорите за финализирање на Изборниот законик и вклучувањето во него на сите забелешки од страна на ОБСЕ.

Тоа е веќе финализирано во најголема мера и многу скоро, рече, ќе се најде на владина седница, како и на седница во Парламетот при што ќе се добие целосно усогласено законско решение.

-Во овој период и во периодот пред нас, до официјализирањето на периодот кога ќе бидат изборите, ќе има многу информации интересни и за граѓаните и за медиумите.

Дел од нив ќе бидат точни, но голем дел немеа да бидат точни.

Со ДУИ имаме јасен коалициски договор објавен во 2020 година, секако дека за модалитетите со нив се разговара, но целта за остварување европска коалиција која ќе предводи широк фронт е клучната работа што ќе ги обедини партиите на следните избори.

Сите детали и кадровски решенија кои ќе следуваат, ќе бидат споделувани со јавноста како што ќе се носат од официјалните органи на партиите, истакна Ковачевски, одговорајќи на новинарски прашања по посетата на ИКТ Центарот за чување и заштита на податоци во Прилеп.

Кога се прават коалиции, подвлече Ковачевски, клучно е да се споделуваат заеднички вредности кои се однесуваат, пред се, на визијата за модерно општество и модерна држава.

-Не се работи за убедување, туку кога се прават коалиции, клучно е да се споделуваат заеднички вредности кои се однесуваат пред се на визијата за модерно општество и модерна држава со економски просперитет, социјална правда и демократија на врвно ниво, слобода на медиумите, владеење на правото унапредено многу повеќе од тоа денес и на тие основи ќе се градат коалициите.

Сметам дека Алијанса го има тој капацитет, да разговара на такви теми и мислам дека на таа основа може да се водат разговори во однос на идните коалиции и настапи на изборите, но да оставиме да се водат разговори и официјалните партиски тела да носат одлуки во тој дел, подвлече Ковачевски.