Овие три компании се „златните кокошки“ на Бафет

Американскиот милијардер Ворен Бафет годинава ќе оствари приход од две милијарди долари само од дивиденди од акции во три компании.

Станува збор за акциите на Coca-Cola, American Express и Apple. Од котираните компании, конгломератот на Бафет, Беркшир Хатавеј, е акционер со најдолг стаж во Кока-Кола, кој оваа година би требало да донесе приход од 736 милиони долари.

Coca-Cola е глобален бренд со бизнис модел кој го одржува растот на продажбата, заработката и дивидендите. Компанијата лани распределила 72 отсто од заработката преку дивиденда.

Беркшир Хатавеј е нешто пократок акционер во Американ Експрес, кој на Бафет треба да му обезбеди приход од 364 милиони долари оваа година. American Express има слични предности како и Coca-Cola, а една од нив е тоа што е силен бренд со голема база на клиенти.

Споменатиот конгломерат е акционер во Apple од 2016 година, а американскиот милијардер оваа година би требало да има приход од 878 милиони долари од Apple. Уделот на Apple на светскиот пазар на паметни телефони е 20 отсто, додека Apple е тој што генерира 80 отсто од вкупниот профит на индустријата, пишува порталот Yahoo Finance, а пренесува Seebiz.