Одбележан денот на Општина Тетово

– Советот на Општина Тетово денеска ја одржа свечената седница по повод 3 Март Денот на Општина Тетово. По тој повод пригодно обраќање имаше градоначалникот на Тетово Биљал Касами. Потоа награди и признанија им се доделија на истакнати 50-тина поединци, клубови, организациии и правни лица во знак на благодарност за постигнатите резултати во разни области од секојдневниот живот и дадениот особен придонес за афирмацијата на градот Тетово.

-На овој празничен ден дефинитивно сакам да го истакнам придонесот на сите чинители на општественото живеење кои на нашата посветеност и дадоа сила и вистинска волја за промена и развој. Ветерани во образованието, личности од различни сфери, прекрасни пожарникари, одлични успешни ученици, студенти, спортисти, луѓе од уметноста и културата се неоспорната вредност на нашиот заеднички живот. Тие се нашата гордост и инспирација и волја да чекориме по патот на напредокот, порача во свеченото обраќање градоначалникот Касами.

Тетово го одбележува 3 март 1992 година кога беше формиран првиот повеќепартиски совет, со што беше означен почетокот на промена на општествениот систем на локално ниво.

-Денот на општината е прослава на демократијата и суштинска отвореност кон граѓаните. Тоа е прослава што го одбележува заедничкиот граѓански ангажман и негување на демократските вредности, транспарентност, отчетност и учество на сите општествени чинители во креирањето на јавните политики на доброто на сите граѓани, порача Касами.

На одбележувањето со свои музички точки настапија и учениците на Државното музичко училиште „Тодор Скаловски-Тетоец“.