Одземените имоти на Мијалков се ставаат на лицитација

Агенцијата за управување со одземен имот објави оглас за дел од одземениот имот на поранешниот прв човек на ДБК, Сашо Мијалков. Аукцијата е закажана за 25 август.

Огласот е објавен на веб-страницата на Агенцијата, во времетраење од 15 дена, рокот за поднесување барања е до 23 август.

Станува збор за одземениот недвижен имот на поранешниот прв човек на ДБК од случајот „Империја“.

Во Охрид се нудат на продажба два стана од кои едниот е 65 квадратни метри со пресметана вредност од 5.775.234 милиони денари, од Бирото за правни вештачења, додека другиот во истата зграда е 114 метри квадратни со вредност од 9.032.505 денари како и земјиште од 56.818 метри квадратни во општина Студеничан во Скопје, со почетна вредност од 17.045.421 денари и мала парцела од 321,81 метри квадратни кај местото викано Џибарица на Кожуф, во вредност од 29.686 денари.

Вкупната вредност достигнува околу половина милион евра.

„Право на електронско учество на јавното наддавање имаат сите физички и правни лица, освен осуденото лице, од кое е одземена недвижноста, вработените во Агенцијата за управување со одземен имот, како и друго лице кое службено учествувал во постапката за продажба“, се вели во еден од условите во огласот што го објави Агенцијата за управување со одземени средства.