Пензионерите од Кавадарци протестираа и побараа линеарно зголемување на пензиите

Пензионерите од Кавадарци денеска преку мирен протест излегоа со барања за линеарно зголемување на пензиите и минималната пензија да не биде под 20.000 денари. Присутните на протестот на градскиот плоштад упатија јавен апел до сите пратеници и синдикати на пензионери да застанат во одбрана на ова.

„Се здруживме да бараме подобар живот, бараме зголемување на пензиите, во Кавадарци има 6.070 пензионери од кои 3.000, а можеби и повеќе земаат пензија до 15.000 денари, како да преживееме со тие примања? Затоа бараме линеарно зголемување на пензиите во септември, бидејќи пензионерите со високи пензии работат речиси во сите општински здруженија, па добиваат екстра, а ние со ниски пензии не можеме и сакаме да работиме во здруженија на пензионери придонесувајќи за цел живот подобро за пензионери“, изјави пензионерката Драгица Антиќ.

Инаку, пензионерите веќе подолго време протестираат низ некои градови во земјава барајќи зголемување на пензиите. Линеарно зголемување на пензиите за 3.500 денари вчера побараа пензионерите на протест во Струмица.

Пензионерите протестираа и пред Собранието во Скопје. На протестот учествуваа мал број пензионери од главниот град. Главни барања на пензионерите беа зголемување на минималната пензија која е еднаква на минималната плата, како и воспоставување линеарно зголемување на пензиите наместо процент.