Од истрели за време на прославата на титулата на Канзас Сити Чифс во САД загина едно лице, 22 ранети

– Најмалку едно лице е убиено, а 22 се повредени од истрели во Канзас Сити во американската сојузна држава Мисури по победничката парада по повод освојувањето на Супербол титулата од страна на Канзас Сити Чифс, соопшти полицијата вчера.

„Ова сѐ уште е активна истрага“, рече Стејси Грејвс, шефицата на полицијата на Канзас Сити.

Таа соопшти дека полицијата го пронашла оружјето, но не даде информации за колку парчиња станува збор.

„Имаме три лица што се приведени и се под истрага поради инцидентот“, рече Грејвс.

Шефот на противпожарната служба на Канзас Сити, Рос Грундисон, изјави дека осум лица се здобиле со повреди опасни по живот. Пукотницата се случила во близина на станицата Јунион.

Загинатото лице е идентификувано како Лиса Лопез-Галван, која работела во радиостаницата KKFI 90.1.

Градоначалникот Квинтон Лукас рече дека сите играчи, тренери и персоналот на Канзас Сити Чифс се безбедни.

Американската НФЛ (Национална фудбалска лига) објави соопштение во врска со пукотницата.

„Длабоко сме натажени поради бесмислената пукотница што се случи пред крај на собирот во Канзас Сити. Нашите мисли се со жртвите и сите засегнати“, објави НФЛ на социјалната мрежа Х.