Океаните ја достигнаа највисоката температура досега забележана: Ова носи страшни последици за планетата

Океаните ја достигнаа највисоката температура досега забележана поради климатските промени, кои имаат страшни последици за планетата.

Океаните, кои покриваат речиси 71 отсто од површината на нашата планета, не само што обезбедуваат дом за богат растителен и животински свет, туку и играат клучна улога во регулирањето на климатските промени.

Просечната дневна глобална температура на површината на морето оваа недела го надмина рекордот поставен во 2016 година и достигна 20,96 степени Целзиусови, што е далеку над просекот за овој период од годината, соопшти службата за климатски промени на ЕУ, Коперник.

Океаните се витален регулатор на климата бидејќи апсорбираат топлина, произведуваат половина од кислородот на Земјата и влијаат на временските услови, јавува Би-Би-Си.

Како што е наведено, потоплите води имаат помала способност да апсорбираат јаглерод диоксид, што значи дека повеќе од овој гас што ја загрева планетата ќе остане во атмосферата. Исто така, може да го забрза топењето на глечерите, што ќе доведе до поголем пораст на нивото на морето. Високите температури на океаните ги нарушуваат морските видови како што се рибите и китовите додека се движат кон поладни води, нарушувајќи го синџирот на исхрана, а експертите предупредуваат дека може да бидат засегнати рибните резерви.

„Ги ставаме океаните под поголем стрес од кога било досега“, вели д-р Мет Фрост од Лабораторијата за поморски науки во Плимут, Велика Британија, мислејќи на фактот дека загадувањето и прекумерниот риболов исто така ги менуваат океаните.

Научниците се загрижени и за годишното време во кое е поставен овој рекорд, а Службата за климатски промени Коперник наведува дека март треба да биде време кога океаните се најтопли на глобално ниво, а не август.

Зошто океаните се толку топли сега се уште е предмет на истражување на научниците, но тие веруваат дека климатските промени се она што ги прави океаните потопли бидејќи тие апсорбираат најголем дел од затоплувањето од емисиите на стакленички гасови.

„Колку повеќе фосилни горива согоруваме, толку повеќе вишок топлина ќе апсорбира океанот, што значи дека ќе треба подолго време да се стабилизира и да се врати во претходната состојба“, објаснува др. Бурџис.

Во јуни, температурите во водите во Велика Британија беа 3 до 5 Целзиусови степени над просекот, според податоците од Метеоролошката канцеларија и Европската вселенска агенција .

Во Флорида, температурата на површината на морето минатата недела достигна 38,44 степени Целзиусови, што може да се спореди со температурата на топла када.

Нормалните температури на океаните треба да бидат помеѓу 80 и 90 степени Целзиусови, според Националната океанска и атмосферска администрација. Топлотните бранови во морињата се удвоиле со зачестеност во периодот од 1982 до 2016 година, а утврдено е дека тие станале поинтензивни и подолготрајни од 1980-тите.

Иако температурите на воздухот драстично се зголемија во последните години, на океаните им треба подолго време за да се загреат, иако тие апсорбираа 90 проценти од затоплувањето.