Околу 900 вработени во УЈП ќе добијат покачена јулска плата, Лукаревска очекува средствата да се оправдаат со повеќе резултати

На заедничката прес-конференција директорката на УЈП, Сања Лукаревска, се заблагодари за професионалниот однос во процесот на помирување и нагласи дека покрај сатисфакција од зголемените плати ќе имаат и обврска тоа да го оправдаат со повеќе резултати – со поуспешни даночни реформи, сузбивање на даночно затајување итн.
Со потпишувањето на новиот колективен договор помеѓу синдикатот и раководството на Управата за јавни приходи, околу 900 вработени во УЈП ќе добијат јулска плата повисока за 30 отсто.

Договорот меѓу двете страни беше постигнат вчера со посредство на помирувач, а по тој повод директорката на УЈП, Сања Лукаревска, синдикалниот претседател во УЈП, Васе Недановски и помирувачот Илија Манасиев денеска одржаа заедничка прес-конференција на која информираа за постигнатиот договор.

Вработените во УЈП ги прекинуваат протестите, издејствуваа покачување на платите за 30%
„Со оглед на различните категории вработени во Управата, околу 160 колеги веќе го остварија тоа право согласно Законот за буџети. Сега ова право ќе го остварат преостанатиот број вработени. Претходните се околу 150-160 вработени, преостанатите се 900 и нешто“,

рече претседателот на Синдикатот на УЈП „Солидарност“, Недановски, кој ги предводеше протестите за повисоки плати.
Прашан дали вработените во УЈП ќе добијат и дополнителни 10 отсто на платите од септември, согласно неодамна потпишаниот општ колективен договор, Недановски кажа дека имаат право на се што им следува по закон.

Со покачувањето на платите, кое се нема случено изминатите 14 години, рече синдикалниот претседател при УЈП, вработените ќе бидат помотивирани за уште попрофесионален пристап во извршувањето на работните задачи.

На заедничката прес-конференција директорката на УЈП, Сања Лукаревска, се заблагодари за професионалниот однос во процесот на помирување и нагласи дека покрај сатисфакцијата од зголемените плати ќе имаат и обврска тоа да го оправдаат со повеќе резултати – со поуспешни даночни реформи, сузбивање на даночно затајување итн.

Буџетот за покачување на платите на вработените во УЈП месечно ќе изнесува 16,5 милиони денари. 

Дел од парите наменети за исплата на плати се од буџетската сметка на УЈП, информира Марина Јолеска од Секторот за финансиски прашања во Управата, додавајќи дека УЈП има сопствени приходи што ги добива по различни основи како даночен орган, што, како што рече, е олеснителна околност во целата ситуација.

Илија Манасиев, пак, кој ги помируваше синдикатот и раководството на УЈП, на прес-конференцијата изрази задоволство од постигнатиот успех во процесот велејќи дека испишале историја за подобра иднина на вработените во Управата за јавни приходи.

Вработените од Управата за јавни приходи од 15 јуни, секој ден од 10 до 12 часот, штрајкуваа без да ги извршуваат своите обврски од работното место. Тие бараа зголемување на платите за 30 отсто, а доколку не биде исполнето нивното барање најавуваа активирање на одлуката за генерален штрајк.

Одлуката за генерален штрајк требаше да стапи во сила на 27 јуни, но беше пролонгирана поради назначувањето нов помирувач во процесот.