ОН: Подрачјата што Израел сака да ги евакуира претставуваат две третини од Појасот Газа

– Канцеларијата на Обединетите нации (ОН) за координација со хуманитарните активности (OCHA) објави дека подрачјата што Израел сака да бидат евакуирани поради своите напади претставуваат две третини од површината на Појасот Газа.

Во соопштението се наведува дека површината на местата што Израел сака да бидат „евакуирани“ во Појасот Газа, кој е под израелски напади од 7 октомври минатата година, достигна 246 квадратни километри.

OCHA наведува дека тоа претставува две третини од површината на Појасот Газа, кој има површина од околу 360 квадратни километри.

Пред 7 октомври 1,78 милиони Палестинци живееле во местата што Израел сака да бидат евакуирани, што одговара на 77 % од населението на Појасот Газа.

Откако ги започна нападите врз Појасот Газа на 7 октомври, израелската војска побара од Палестинците во северните делови на блокираната палестинска енклава да одат кон јужните и централните делови за кои тврдеше дека се „безбедни“.

Поради нападите, Палестинците од северните делови на Појасот Газа присилно се раселени. Во декември 2023 година израелската војска започна копнени напади на Хан Јунис на југот и на централните делови на Појасот Газа.

По овие напади, илјадници цивили, вклучувајќи ги и Палестинците кои беа присилно раселени од северните делови на Појасот Газа, мораа повторно да ги напуштат своите засолништа.

Околу 1,9 милиони Палестинци присилно се раселени од Појасот Газа, каде вкупно живеат околу 2,3 милиони луѓе. Мнозинството на раселените се засолнија во градот Рафа, сместен во јужниот дел на Појасот Газа, на границата со Египет.

Во Рафа пред израелските напади живееја околу 280.000 луѓе, а денес таа бројка надминува 1,2 милиони.

Поради недостатокот на сместување, мнозинството Палестинци се борат да преживеат во кампови кои се формирани од импровизирани шатори.

Израелската администрација сега сигнализира дека ќе го нападне и градот Рафа.

​​​​​​​Јоав Галант, израелскиот министер за одбрана, во изјава во текот на посетата на израелските трупи во регионот Хан Јунис во Појасот Газа на 1 февруари рече дека копнените напади ќе ги префрлат на градот Рафа на границата со Египет.

И израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, во својата изјава од 4 февруари сигнализираше дека ќе започне копнени напади на градот Рафа.