Опра Винфри си ја отвори душата: Ме исмејуваа што бев дебела 25 години

Опра Винфри во јануари ќе го прослави својот 70-ти роденден, нејзиното богатство се проценува на 2,8 милијарди долари, а неодамна изгледа подобро од било кога. Таа никогаш не ја криеше борбата со килограмите, а сега зборуваше за тоа колку ја повредуваат лошите коментари, но и што и помогнало да ослабне.

Во големото интервју за магазинот People, Опра Винфри се осврна на тоа како со години била јавно критикувана за вишокот килограми, раскажала како и било најлошо кога нејзиното незаборавно ток-шоу „Шоуто на Опра Винфри“ се емитувало на телевизија.

– Исмејувањето со мојата тежина трае 25 години и веќе доби форма на јавен спорт. Со нештата што беа кажани за мене и шегите што се правеа на моја сметка, не можеше туку така да се извлечеш денес, објасни Винфри, која голем дел од својот живот посветила на помагање на другите, особено на жените и на малцинските групи.

Како особено болно искуство, таа го посочи моментот од почетокот на нејзината кариера, кога се „најде на тапет“ на модниот критичар г-дин Блеквел и заврши на насловната страница на списанието кое веќе во насловот ја исмеваше нејзината тежина.

– Не бев лутa. Едноставно го прифатив тоа како вистина и моја вина. Чувствував тага и срам, но во тој момент бесот не ми беше ни на ум, објасни таа.

Пресвртна точка во нејзиното размислување се случи за време на снимањето на панелот „Состојба на тежината“, во кој учествуваа експерти и лекари за слабеење. Тогаш се случил „аха моментот“, моментот во кој сфатила дека долги години неоправдано се обвинувала себеси за вишокот килограми, а всушност имала предиспозиции кои нејзината волја не може да ги контролира.

По овој разговор таа успеала да се ослободи од срамот и да се консултира со лекар. Тој и препишал лек кој и помогнал да се избори со килограмите, а ѕвездата го користи до ден денес. Иако не сакаше да ја открие точната подготовка, Опра изгледа навистина одлично.

Ѕвездата сподели и дека, покрај споменатата подготовка, пронашла и програма која и помогнала да го промени целиот животен стил. Во програмата „Weight Watchers“ акцентот беше ставен на нутритивните соодноси, а за 15 месеци успеа да ослаби повеќе од 20 килограми.