Општина Аеродром: Поради негрижата на Градот, Аеродром со поддршка на Општина Штип почна со чистење на сметот и преполните контејнери

Службите на Општина Аеродром се ангажирани на терен уште вечерва и работат на расчистување на отпадот кој неколку дена се трупа околу контејнерите. Штета предизвикана од негрижата на управата на Градот Скопје и ЈП ,,Комунална Хигиена”.

Бидејќи е неопходно сами и со сопствените, но ограничени средства, да го решаваме проблемот со натрупаниот смет, општината на располагање ги стави своите сезонски работници и расположливата механизација. Дополнително, на барање на градоначалникот Тимчо Муцунски, градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, одобри испраќање на механизација која ќе помогне за справување со отпадот во Аеродром.

Апелираме уште еднаш до Градот и градоначалничката да изнајдат итно решение на овој проблем, бидејќи големите количини отпад претставуваат директна закана по здравјето на граѓаните и по животната средина во целост.