Општина Гостивар ќе ги награди пожарникарите кои им помогнаа на погодените од земјотресот во Турција
Градоначалникот на Општина Гостивар, Арбен Таравари денеска во својот Кабинет ја пречека екипата за пребарување и спасување на ТППЕ – Гостивар, која успешно ја заврши својата мисија за помош на погодените од земјотресот во источна Турција.
На средбата, соопштија од Општината, се зборувало за нивниот напредок и тешкотии во текот на мисијата, а градоначалникот Таравари во име на граѓаните на Гостивар им се заблагодарил за нивната подготвеност секогаш да бидат на ниво на задачата.
Таравари најави дека на следната седница на Советот на Општина Гостивар, ќе предложи членовите на тимот да бидат финансиски наградени за нивниот труд и пожртвуваност.