Општина Куманово поднесе кривична пријава за изградбата на музејот во Сопот

„Организираната група непознати лица во подолг временски период заклучно со 6 ноември 2023 година, ги сториле кривичните дела со узурпација и градба на градежна парцела, државно земјоделско земјиште и на истата покрај узурпација, изградиле објект со функција Музеј – Меморијален центар“, информира денеска Општина Куманово.

Кривичната пријава заедно со сите обезбедени наводи и докази со кои општината располага е поднесена до Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Основно јавно обвинителство Куманово и СВР Куманово, за нивно понатамошно поставување.

На почетокот на месецов лидерот на ДУИ, Али Ахмети го отвори музејот во рамки на меморијалниот комплекс кој, според претходно кажаното е посветен на жртвите од нападот во Сопот на 4 ноември 1944 година. Но во музјеот се изложени фотографии на команданти на УЧК од Косово како што е основачот Адем Јашари, како и ликови од воениот конфликт во Македонија како Исмет Јашари, но и фотографиите од „бившиот командант на ОНА“, самиот Ахмети. Меѓу музејските експонати е и знамето на „Голема Албанија“, во чии рамки се голем дел од Македонија, Србија и од Грција. Пред влезот на комплексот се наоѓа мермерна плоча со картата на „Голема Албанија“.

По извршениот увид, вонредниот инспекциски надзор утврдил дека објектот, односно меморијалниот комплекс што со високи претставници на политичката партија ДУИ беше отворен во кумановското село Сопот е дивоградба.