Општина Центар собра 901.768 денари за лекување на Леонид Индов

Општина центар, со детската хуманитарна програма, собра 901.768 денари за лекување на младиот Леонид Индов.

Како што известуваат од општината, општинските градинки и училишта, пред Новата година, организирале низа добротворни базари проследени со музички точки и претстави, на кои граѓаните донираа за Лео.

 – Средствата собрани на овие предновогодишни хуманитарни приредби, што се одржаа во Рамстор, веќе се уплатени на сметката за лекување на Лео, кој се здоби со тешки повреди на `рбетот во несреќен случај пред неколку месеци, велат од општината.

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, апелира до сите граѓани да се приклучат во ваквите хуманитарни акции.

– Хуманоста сите не сплоти. Со помош на нашите млади уметници и настапите на Златните славејчиња, помогнавме Лео да продолжи со лекувањето. Упатувам апел до сите наши сограѓани да се приклучат кон ваквите акции и да помогнат, порача Герасимовски.

Општина Центар се заблагодарува на сите кои беа дел од оваа голема хуманитарна акција, а пред се на децата, наставниците и родителите кои покажа дека со сплотеност и солидарност во срцата може да се помогне таму каде што е најпотребно.