Осветен е манастиорот „Свето Преображение“ над Крушево, познат како „Манастирот на Тоше“

– Со богослужба за осветување, денеска е осветен манастиорт „Свето преображение“ над Крушево, познат како „Манастирот на Тоше“. Чинот на осветувањето го изведе поглаварот на МПЦ г.г. Стефан, во сослужение на тројцата владици: Петар, Јован и Климент.

Бројни посетители од целата земја и од странство присуствуваа на чинот на осветувањето, а и, како што рекоа, да му оддадат почит на Тоше Проески кој сесрдно се залагаше за издигнување на манастирот кој го сметаше како „своето место за мир и спокој“.

-Дојдовме од Кочани, организирано. Првпат доаѓаме. сакавме да го видиме овој свет чин и да му оддадеме почит на Тоше, рече посетителка од Кочани.

-Ние сме група од Охрид. Сакавме да биде на чинот на осветувањето и да се потсетиме со почит на Тоше Проекси, ни рече гостинка од Охрид.

Манастирот има своја приказна како потврда на опстојување и упорност. Тој е гордост на крушевчани кои почнаа да го издигнуваат во 1986 година, на темелите на поранешниот манастир од 12. век. Денот 24 септември, не е случајно избран. Тогаш, пред 37 години, почнала обновата на манастирот.

-Манастирот има долга приказна. На жител од Крушевско му се сонило дека на местото од над 1 600 метри надморска височина имало манастир „Свето преображение“. Бевме упорни, се копаше и се пронајдоа темелите. Токму врз тие темели почна изградбата на манастирот. Неуморно, речиси секој викенд доаѓавме, пешачевме 16 километри од Крушево и работевме. Тоше од мал се заинтересира и почувствува посебна поврзаност, објасни Анастас Проески, чичко на Тоше кој е во Црковниот одбор.

– Тоше почна веднаш со хуманитарни концерти, да бара донации, да инсистира на обновата. Ги собравме сите млади. Наоѓаше посебен мир. Ќе легнеше на тлото, со раширени раце ќе довикнеше: Ова е мојот спокој и мир, рече прв братучед на Тоше, Тодор Проески.

На осветувањето со своето семејство беше Наум Капричевски кој го трча маратонот за Тоше од Нова Градишка до Крушево.

– Ова е исполнување на сонот на Тоше. Сонуваше Манастирот да се издигне, да се обнови, да се освети. Тука ги наоѓаше мирот и спокојот, рече Капрически.

Олтарот е од мермер, по желба на Тоше Проески, а осликувањето на внатрешноста на црквата го направи Борис Николов, уметник од Бугарија.

– Ова е судбина. Прво го цртав ликот на Архангел Михаил. Шест години цртав, скицирав. За една година и осум месеци е сето осликано внатре, рече емотивно Николов.

Во манастирскиот двор се одржа и соодветна културно-музичка програма во која настапи и бендот на Тоше. Во чест на осветувањето се одржа и крводарителска акција.

Пред 10-ина години е обновен патот до манастирот „Свето Преображение“ и е поставен крстот над светото здание.