Османи – Велч: Резолуцијата на американскиот Сенат потврдува дека членството на Македонија во ЕУ нема алтернатива

Резолуцијата за поддршка за влез на Македонија во Европската Унија е спонзорирана од демократскиот сенатор од Вермонт Питер Велч, демократскиот сенатор од Њу Хемпшир Џин Шахин и републиканските сенатори од Небраска и Северна Каролина Пит Рикетс и Том Тилис.

Министерот за надворешни работи во техничката влада, Бујар Османи, денеска оствари телефонски разговор со американскиот сенатор Питер Велч, кој ја предложи Резолуцијата за поддршка на интеграцијата на Македонија во ЕУ.

Резолуцијата во американскиот Сенат, како што се наведува во соопштението на МНР, е уште една потврда дека членството на Македонија во ЕУ нема алтернатива.

Во разговорот, како што се наведува во соопштението, Османи истакнал дека Резолуцијата поддржана од сенаторите на Демократската и Републиканската партија претставува дополнителна потврда дека нашиот евроинтегративен процес нема алтернатива, но истовремено е и охрабрување за Унија дека нашиот пат кон полноправно членство е забрзан.

„Резолуцијата е уште една демонстрација на силната поддршка на САД за евроинтегративниот процес на Македонија и доказ за силната алијанса меѓу двете земји во исполнувањето на заедничката стратешка цел – нашето членство во ЕУ. Тоа е и во согласност со нашите заеднички заложби во рамките на Стратешкиот дијалог со САД, што го започнавме со државниот секретар Блинкен во јуни 2022 година“, рече Османи.

Соговорниците, повикувајќи се на текстот на Резолуцијата, го поздравија напредокот на Македонија во спроведувањето на реформската агенда, поддршката за Украина, како и долгорочното стратешко партнерство и НАТО сојузот меѓу двете земји. Истовремено, беше истакнато силното лидерство на Македонија за време на минатогодишното претседавање со ОБСЕ.

„Резолуцијата за поддршка на влезот на Македонија во Европската Унија е спонзорирана од демократскиот сенатор од Вермонт Питер Велч, демократскиот сенатор од Њу Хемпшир Џин Шахин и републиканските сенатори од Небраска и Северна Каролина Пит Рикетс и Том Тилис“, се вели во соопштението на МНР.