Османи во ОН: Потребна е правда заради жртвите, но и да се избегнат понатамошни агресии

„Или ќе обезбедиме соживот и мирна соработка меѓу народите, без закани за војна и агресија, или ќе бидеме принудени да живееме во постојан страв, нестабилност и неизвесност“ – ова беше пораката до сите земји членки на ОН за важноста на усвојувањето на Резолуцијата на ОН, која ја испрати претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи, кој порача дека треба да се врати меѓународниот мир и ред и побара од сите да се солидаризираат со Украина.

„Меѓународната заедница, олицетворена во Обединетите нации, не може да дозволи ова сериозно прекршување на сите норми и принципи да остане без одговор. Правдата и одговорноста се потребни пред се заради жртвите, но тие се и предуслов за избегнување на натамошни агресии и неиспровоцирана употреба на сила во меѓународните односи“, рече Османи.

Претседавачот на ОБСЕ им порача на претставниците на земјите членки на ОН дека нивниот глас во Собранието на ОН е гласот на народите што ги претставуваат.

„Која е смислата на нашите политички акции, на национално и на меѓународно ниво, ако молчиме пред човечките страдања, кои не се предизвикани од природни катастрофи, туку од намерна војна? Одговорноста денес е морален императив затоа што е најефективното средство да не се повтори истото, во друга земја, во друга суверена држава, во друг народ“, рече Османи на Генералното собрание на ОН.

Тој нагласи дека украинскиот народ заслужува правда и дека треба да одговара за бесмислената агресија.

„Во одреден момент војната ќе заврши. Ќе се обнови инфраструктурата, ќе се градат куќи. Но, жртвите на оваа агресија заслужуваат повеќе: тие заслужуваат правда. А човештвото заслужува посилна основа за избегнување на агресивни војни во иднина“, рече Османи.