Османи: Многу бргу ќе има поширока поддршка за уставните измени,парламентарните изборите ќе бидат во редовниот термин
Министерот за надворешни работи Бујар Османи од Тетово оцени дека за уставните измени се повеќе има поддршка од страна на граѓаните. Според него, нема реална загриженост кај луѓето.
– Граѓаните станаа заложници на сите нивни сетила со најнечовечната пропаганда против нив. Лажејќи дека ќе го изгубат идентитетот, лажејќи дека ќе се бугаризираат. Беше многу важно да се отвори комплетна дебата што се уставните измени. Мислам дека како што завршува дебатата луѓето се порелаксирани за самиот процес. Гледате нема реакции. Кога беше парламентарната седница немаше протести. Да имаше реална загриженост луѓето ќе излегоа и ќе протестираа како што вчера што протестираа. Што значи дека цело ова спротивставување има политичка позадина во служба на следните парламентарни избори. Н,о нема исконска разочараност бидејќи тоа се ќе се манифестираше. Има фрустрации, има незадоволства ни мислам дека како што оди дебатата и објаснуваат процесите луѓето се порелаксирани секој ден повеќе и мислам дека многу бргу ќе стигнеме до точката каде што ќе има поширока поддршка, изјави Османи во Тетово, каде денеска се одржа првата Конференција на ОБСЕ за родова еднаквост и зајакнување на улогата на жените.
На прес – конференција одговорајќи на новинарските прашања на оваа тема Османи потенцираше дека парламентарните изборите ќе бидат во редовниот термин, оценувајќи дека тоа е затворено прашање.
– До последниот ден на овој парламентарен состав ќе ги продолжиме со напорите за уставните измени. Мислам дека целта на опозицијата е оваа тема да ја држи, да не ја затвори поради изборите, поради тоа што сакаат да ја имаат како главна тема во изборната кампања-емоциите околу спорот со Бугарија. Бидејќи без оваа тема ќе треба да излезете со изборна програма, ќе треба да излезете со економска, со социјална програма, образовна програма. Овде имате една тема со која луѓето се емотивно поврзани и тогаш полесно ќе ги злоупотребите емоциите на луѓето за изборна кампања. Јас сум свесен дека постои една критична точка за насоката на иднината на државата, но поради изборните интереси на политичка партија нема да ја ризикуваме иднината на земјата, истакна Османи.
На прашањето дали е чин на добрососедство, тоа што министерката за надворешни работи на Бугарија рече дека ќе ја блокира предлог-резолуцијата на американскиот Совет за месец на американско-македонско наследство, Османи оцени дека нашата дипломатија дава друга порака.
– Нашата дипломатија си ја врши својата работа. Односно дека сме активни на сите полиња за да ја промовираме македонската култура меѓутоа и билатералните односи со сите држави во светот. Резолуцијата во германскиот Бундестаг беше продукт на една таква проактивна дипломатска активност. Како што кажав, уште тогаш работиме со неколку други држави, со цел да има една верижна ако можам да кажам реакција на држави во зајакнување и на тие културни врски, потенцира шефот на дипломатијата Османи.
Во рамки на претседавањето на Република Северна Македонија со ОБСЕ во Тетово се одржа првата Конференција за родова еднаквост и зајакнување на улогата на жените.