Османи се сретна со неговиот узбекистански колега Саидов

– Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, истакна дека неодамнешните узбекистански уставни промени претставуваат голем чекор напред кон градење на „Нов Узбекистан“ и дека ОБСЕ ќе продолжи да дава поддршка за спроведување на реформската агенда во земјатa.

Според соопштението на МНР на Северна Македонија, Османи го истакнал ова на денешната средба со министерот за надворешни работи на Узбекистан, Бахтијор Саидов.

Во соопштението се вели дека преку Канцеларијата на проектниот координатор на ОБСЕ во Узбекистан, организацијата дава поддршка во клучни области како: зајакнување на улогата на жените, борбата против корупцијата и ефективно адресирање на прекуграничните предизвици на границата помеѓу Узбекистан и Авганистан.

„ОБСЕ заедно со Владата на Узбекистан работи на зголемување на капацитетите на граничните и царинските служби за ефикасно справување со прекуграничните предизвици на узбечко-авганистанската граница. Северна Македонија и нашиот регион на Југоисточна Европа имаат многу успешни приказни за споделување кога станува збор за регионалната соработка, поврзаноста и контактите меѓу луѓето. Нема подобар начин за справување со регионалните предизвици од регионалната соработка“, истакна Османи на средбата со Саидов.

Според Османи, ова се само неколку илустративни примери за опипливите придобивки за граѓаните што се резултат на соработката помеѓу теренските мисии на ОБСЕ и локалните власти.

„Регионалната соработка е од клучно значење и за одговор на воената агресија на Русија во Украина, што ја загрозува безбедноста во целиот регион на ОБСЕ“, се додава во соопштението.

„Ова е уште една причина зошто треба да се вклучиме во уште поблиска соработка и да продолжиме со координиран регионален одговор, како и со поддршка на мултилатерализмот. Затоа денеска, вредностите и принципите на ОБСЕ и неговата улога како единствена платформа за дијалог меѓу различни региони е поважна од кога било“, рече Османи.

Тој истакна дека постои позитивен тренд на зголемување на меѓурегионалната соработка помеѓу државите од Централна Азија, што дава надеж за трансформација на односите во регионот и нуди нови можности за поефикасно решавање на заедничките предизвици во поширокиот регион на ОБСЕ.

Османи на средбата изрази благодарност до државните власти и до министерот Саидов за поддршката што Северна Македонија ја добива од Узбекистан во рамки на претседавањето со ОБСЕ.