Оставките на Ковачевски и на Џафери утре: Нови промени во владата и избор на претседател на Собрание предвидени во следнава седмица
На 28 јануари ќе биде закажана седницата за избор на техничката влада, а потоа и втора седница за избор на дополнителните заменици министри, како и за верификација на мандат на пратеник. Претседателот на Владата Димитар Ковачевски и претседателот на Собранието Талат Џафери, кој е мандатар на техничката влада, оставки ќе поднесат утре, со што почнуваат и крајните рокови за составување на преодната влада, која се носи сто дена пред изборите за пратеници на 8 мај. Џафери денеска на средба со новинарите објасни како ќе течат постапките, но исто така рече дека ако има предлози нема пречка министрите на ВМРО-ДПМНЕ да не бидат дел од техничката Влада. Тој не сакаше да каже дали ќе има кадровски промени кај министрите од ДУИ и Алијанса на Албанците во оваа Влада. Предлозите на СДСМ се веќе познати.
-Утрешниот ден е денот „Д“ за поднесување оставки. Од Владата до мене како претседател на Собранието ќе достави информација дека поднесува оставка, и јас како претседател на Собранието ќе го известам Претседателот на државата дека Владата поднела оставка. ќе го овластам потпретседателот на Собранието Горан Мисовски да ја води седницата на 26 јанури во петок и потоа ќе поднесам оставка, посочи Џафери.
На седницата во петок , која е прва наредна седница, ќе бидат констатирани оставките на премиерот и неговата, а потоа пред да се гласа дневниот ред, ќе се предложи нова точка – избор на претседател на Собранието. По изборот, во случајов на Јован Митрески за претседател на Собранието, тој ќе извести претседателот дека од име на мнозинската коалиција во Собранието е избран за претседател. На 26 јануари, како што објасни Џафери, претседателот на државата Стево Пендаровски треба да му го довери мандатот за премиер на техничката Влада и роковите ќе почнат да течат.
На 27 претпладнето Џафери до Собранието треба да достави програма и состав на Владата, а седницата за избор треба да биде свикана на 28 јануари. Како што појасни за да се комплетира техничката влада, ќе биде свикана уште една седница на која треба да се гласа за дополнителните заменици министри и за верификација на мандат на пратеник.
Џафери вели дека иако се предвидени два дена за дебата, според досегашната воспоставена практика тоа се завршувало за еден ден.
За најавите дека ВМРО-ДПМНЕ нема да гласа зо него, вели дека не се оптеретува со тоа кој како ќе гласа. За изјавите на претставниците на албанската опозиција, вели дека не ги коментира.