Осум Палестинци загинаа во израелска воена операција во Џенин

 Осум Палестинци загинаа, а десетици се ранети денеска во израелска воена операција во Џенин на окупираниот Западен Брег, соопшти палестинското Министерство за здравство.

Израел објави дека е во тек голема антитерористичка операција и дека со „голема сила“ го напаѓа упориштето на екстремистите во областа.

Операцијата започна во текот на ноќта во бегалскиот камп Џенин со напади со беспилотни летала и распоредување стотици израелски војници.

„Го напаѓаме со сила ова седиште на тероризмот“, изјави израелскиот министер за надворешни работи Ели Коен, тврдејќи дека „терористичките напади врз израелските цивили“ потекнуваат од кампот.

Според новите податоци на Министерството за здравство, од 50 Палестинци ранети во судирите, десет се во критична состојба.

Израелската армија соопшти дека биле нападнати „терористичката инфраструктура“ и оперативниот центар кој служи како команден центар на локалната екстремистичка организација „Бригада Џенин“ и дека биле користени булдожери, оклопни возила и беспилотни летала.

Во раните попладневни часови беше објавено дека градот Џенин и истоимениот камп „во моментов се борбена зона“ и дека операцијата што ја започна десничарската влада на премиерот Бенјамин Нетанјаху продолжува.

Израелските сили нападнаа место за производство на оружје и складиште со експлозивни направи, се додава во военото соопштение.

Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант рече дека се залага за „проактивен пристап кон тероризмот“, а портпаролот на израелската војска, потполковник Ричард Хехт оцени дека воздушниот напад врз центарот на кампот ги изненадил Палестинците.

Тој рече и дека армијата прави се за да го поштеди цивилното население.

Насилството го осудија и Египет, Обединетите Арапски Емирати и Организацијата за исламска соработка.

Градот Џенин и блискиот бегалски камп се чести мети на судири меѓу израелските сили и Палестинците