Откажана средбата на Бајден со египетските и палестинските лидери во Јордан

 Самитот во главниот град на Јордан, Аман е откажан бидејќи сега нема смисла да се зборува за ништо друго освен за запирање на војната, изјави шефот на јорданската дипломатија Ајман Сафади за ТВ Ал Џезира.

Во Аман денеска требаше да се одржи средба на американскиот претседател Џо Бајден со египетските и палестинските лидери посветена на ситуацијата во Газа.

Официјален претставник на Белата куќа изјави дека по експлозијата во болница во Газа во која загинаа околу 500 Палестинци, Бајден ја откажа и посетата на Јордан.

– По консултациите со јорданскиот крал Абдула Втори и земајќи ги предвид деновите на жалост што ги објави претседателот на палестинската управа Абас, претседателот Бајден ќе го одложи своето патување во Јордан и неговата планирана средба со овие двајца лидери и со египетскиот претседател ал-Сиси, истакна тој.

Според него, Бајден наскоро лично ќе разговара со лидерите и се согласи да одржува редовен и директен контакт со секој од нив во наредните денови.

Бајден изрази сочувство за загинатите во експлозијата во болница во Газа, соопшти Белата куќа.