ОТСЕГА УШТЕ ПОЛЕСНО ДО РАБОТА ВО ГЕРМАНИЈА Стапуваат во сила многу олеснувања

Од денеска во Германија почнува да важи новиот Закон за квалификувана имиграција. Измените стапуваат на сила во три фази за да може властите навремено да се престројат на новите услови.

Од овој момент многу академци и луѓе со високи квалификации од трети земји ќе може со Сината карта на ЕУ да доаѓаат во Германија – без проверка на приоритет, односно проверка дали за истата позиција се достапни Германци или граѓани на ЕУ, како и без докажување на познавања на јазикот, објави ДПА.

Кој ги исполнува сите предуслови како стручна сила со професионално искуство или универзитетска диплома, сега има право на дозвола за престој, додека до сега властите имаа дискреционо право. Освен тоа отпаѓа ограничувањето на дејност во струката.

Тоа значи дека на пример механичар може да работи и логистика. Исклучок се само регулирани професии во медицината, правото или педагогијата. И кај професионалните возачи се олеснува добивањето дозвола од Сојузната агенција за вработување. Се укинува проверката за приоритетни кандидати и предусловите за познавање на јазикот. Другите измени треба да стапат на сила на 01.03.2024 година.

Дополнително е регулирано привлекувањето на работна сила од Западен Балкан, односно Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија за кои неограничено важи т.н. „Правило за Западен Балкан”. Од јуни 2024 година годишниот контингент се удвојува на 50 илјади лица годишно.

Поопширни информации може да се добијат на порталот на сојузната влада за стручна работна сила од странство на германски, англиски, шпански и француски јазик.

Новина во новиот закон е и воведувањето на таканаречената „Карта за шанса“, која е базирана на бодови. Критериумите за избор на имигранти кои сакаат да работат и ја избираат оваа опција се јазични вештини, работно искуство, возраст и поврзаност со Германија.

Странските стручни работници во иднина мора да заработуваат најмалку 43.800 евра бруто годишно, што досега изнесуваше 58.400 евра.

Предноста на новиот закон за висококвалификувани професионалци од земји надвор од ЕУ е што во иднина со себе ќе можат да ги носат не само сопружниците и децата, туку и родителите.

Предуслов, сепак, е да имаат обезбедено средства за живот оти во Германија нема да можат да живеат од социјална помош.

Германските компании во моментов не можат да пополнат околу 1,73 милиони работни места и тие остануваат отворени, покажуваат податоците на Институтот за истражување на пазарите на трудот и професиите.