Официјално: „Bentley“ го прекинува производството на „W12“

„Bentley“ објави дека следната година ќе го прекине производството на својот познат мотор „W12“, откако ќе ја произведе најмоќната верзија досега за ултра ограниченото издание на „Bentley Batur“.

Производството на твин-турбо единицата ќе престане во април 2024 година, бидејќи британската фирма сака да го забрза чекорот кон својата стратегија „Beyond100“, според која секој модел на „Bentley“ ќе биде електрифициран до 2030 година, пишува „Autoblog“.

„Bentley“ сега ќе ги фокусира напорите на својата хибридна линија „V8“ и „V6“ и ќе ја претвори својата производна линија за „W12“ во „проширена област“ за овие погонски единици.

Кога производството ќе заврши следната година, ќе бидат изградени околу 105.000 примероци на моторот „W12“ откако беше претставен во 2003 година.

Последниот 6,0 литарски „W12“ ќе придвижува 18 купеа „Batur“, а со 739 КС ќе биде најмоќниот мотор со внатрешно согорување некогаш инсталиран во сериски „Bentley“.

„Batur“ е веќе распродаден, но брзинските варијанти на „Continental GT Mulliner“ и „Flying Spur Mulline“r сè уште може да се нарачаат со моторот „W12“.

„Bentley“ очекува нарачките за „W12“ варијантите на „Continental“ и „Flying Spur“ да бидат затворени во декември оваа година поради силната побарувачка, но не откри уште колку единици останале.