Палестинското движење Исламски џихад ги отфрли израелските обвинувања за нападот врз болницата во Газа

– Палестинското движење Исламски џихад ги отфрли израелските обвинувања дека синоќа ја погодило баптистичката болница Ал-Ахли во Газа со погрешно испалена ракета, при што загинаа стотици лица.

  • Израел го повтори тврдењето дека „неуспешна ракета“ од Исламски џихад ја погодила болницата во Газа

Во денешното соопштение Исламски џихад вели дека обидите на Израел да покаже со прст кон него се неосновани, нагласувајќи дека не ги зема како воени цели јавните установи, особено болниците.

Се додава дека движењето, заедно со другите групи на отпорот во Газа, „не ги користи местата за богослужба, јавните објекти, особено болниците, како воени центри или како места за складирање оружје“ и ги смета „израелските обвинувања како сериозен обид за избегнување одговорност за такви злосторства и таргетирање на други болници“.

Се наведува дека Израел упатил слични обвинувања и се обидел да се дистанцира од убиството на новинарката на Ал Џезира, Ширин Абу Аклех, во мај 2022 година.

Над 500 лица загинаа во синоќешниот израелски воздушен напад врз баптистичката болница Ал-Ахли, соопштија палестинските власти во опколената енклава. Израел ја отфрли одговорноста за воздушниот напад.

Конфликтот во Газа, која е под израелско бомбардирање и опсада од 7 октомври, започна кога Хамас ја почна операцијата „Поплава Ал Акса“, ненадеен напад со низа лансирања на ракети и инфилтрирање во Израел преку копно, море и воздух. Хамас наведе дека операцијата била одмазда за упадите во џамијата „Ал Акса“ и зголеменото насилство од страна на еврејските доселеници врз Палестинците.

Потоа израелската војска ја започна операцијата „Железни мечеви“ кон позициите на Хамас во Појасот Газа.

Газа се соочува со голема хуманитарна криза без струја, а водата, храната, горивото и медицинските материјали се при крај.

Досега загинаа најмалку 3.300 Палестинци во израелските напади врз Газа и околу 1.400 луѓе во Израел.