Памер: Не можете да ги одлагате уставните измени како оправдување дека треба да ги спроведете другите реформи
Австрија и групата пријатели на Западен Балкан сака да види неколку нивоа во пристапувањето. Не би сакале заради евроинтеграцијата на Грузија, Молдавија и Украина, земјите на Западен Балкан да останат позади, да заостанат. Сметаме дека земјите од Западен Балкан се еднакво подготвени, ако не и подобро подготвени, вели амбасадорот на Австрија во нашата земја Мартин Памер.
Според Памер, неопходно е да се одреди датум за да се добие одредена перспектива затоа што процесот веќе предолго трае и од стратешка гледна точка потребно е да се забрза.
– Нема смисла да се чека на секој параграф, аспект или било која друга обврска да биде исполнета за да кажеме сега можете да станете членка на ЕУ. Многу подобро е да ги вклучиме нашите партнери таму каде што веќе ефикасно придонесуваат, учествуваат и на тој начин да ги уживаат погодностите на ЕУ. Значи станува збор за постепена интеграција. Можеби 2030 година за некои земји е прерано, а за некои може да е и предоцна. Но, важно е да имаме предвид каде одиме, да продолжиме и да забрзаме, појаснува Памер, во интервју за Рацин.мк.
Памер посочува дека целта на австрискиот документ е да се забрза процесот за пристапување на Западен Балкан во ЕУ, како и да ги разбуди европските функционери, европската јавност и да го сврти вниманието кон Западен Балкан.
– Да кажам поедноставно, тоа значи да им овозможиме на нашите партнери од Западен Балкан, односно Северна Македонија да учествува со поголемо вклучување и во повеќе програми и форуми на ЕУ, таму каде што може да партиципира и каде што има смисла. Тоа практично значи да се подобри процесот на евроинтеграција. Досега процесот беше базиран на исполнување на обврските од поглавје во поглавје што беше прилично бавен. Зборуваме за повеќе од 20 години и со мали резултати од аспект на гледната точка на граѓаните. Сега сакаме тој процес да го забрзаме, изјави Памер.
Во однос на уставните измени, Памер вели дека тие се суштинско прашање за Северна Македонија, посочувајќи дека „многу добро знаеме дека за секоја земја од регионот одлагањето на евроинтеграцискиот процес значи проблеми“.
– И да бидам искрен, содржината на уставните амандмани во преамбулата за вклучување на бугарското малцинство, е, всушност, најдобриот доказ дека Северна Македонија е држава која е стабилна да биде земја членка на ЕУ. Од таа широка перспектива тоа е домашно прашање кое треба да биде завршено пред изборите следната година. Многу подобро е таа работа да се заврши сега отколку да се одлага. Тоа е под број еден. Се разбира остануваат многу реформи што треба да бидат завршени или да се започнат. Затоа не можете да ги одлагате уставните измени како оправдување дека треба да ги спроведете другите реформи, смета Памер.
Истото, посочува Памер, се однесува и на ЕУ, нагласувајќи дека институциите и водечката елита треба да си ја завршат нивната домашна работа, односно да ја спроведат институционалната реформа на ЕУ.