Пандов: Патриотскиот институт на роденденот на Гоце Делчев ќе оддаде целодневна херојска стража на неговиот гроб
Денес заседаваше Централниот Комитет на Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ, Гоце Делчев при што беа донесени повеќе заклучоци.
Пред да ги прочитам заклучоците сакам да посочам дека Патриотскиот Институт и целото раководство во пресрет на одбележување на родниот ден на македонскиот херој Гоце Делчев ќе организира херојска стража и ќе има целодневно присуство на гробот на Гоце Делчев, затоа што ГОЦЕ Е МАКЕДОНИЈА. И ги повикуваме сите граѓани почитувачи на делото на Делчев да изразиме заедничка мирна и достоинствена почит кон великанот.
Воедно ЦК на Патриотскиот Институт донесе повеќе заклучоци:
Прво, го осудуваме шовинизмот и негаторските политики кои доаѓаат од Бугарија и се дополнително распламтувани од поединци од бугарската политика.
Второ, упатуваме отворен повик до владата за поенергично реагирање во однос на негаторската политика и преземање на адекватни мерки кои ќе обезбедат почитување на нашиот идентитет и посебност. Секоја негација кон постоењето на македонскиот народ и неговите обележја треба да бидат проследени со протесна нота и реакција на македонските институции. Државата постои за народот, а не народот за државата.
Трето, наместо констатации, анализи и седење со скрстени раце на државниот врв кој кажа дека провокациите се дело на агентурни мрежи, да се преземат чекори на власта кои ќе значат спречување на туѓи пропаганди и агенди.
Четврто, Гоце е Македонија и Гоце припаѓа на светот. Упатуваме повик до македонскиот народ, македонската Влада и сите добронамерници за достоинствено поклонување на гробот на Македонецот Гоце Делчев.
Воедно, сакам да ве информирам затоа што Гоце Делчев е и патрон на нашиот институт на ВМРО-ДПМНЕ што ќе рече 4 ти февруари е наш роденден, ние следната недела поточно утре недела во 12:00 часот ќе имаме трибина во општина Штип, во вторник ќе имаме трибина во општина Ѓорче Петров, каде што ќе се обратам јас, претседателот на УМС Сергеј Попов, и историчарите Слободан Ников, и Игор Јуруков.
После денот на положување на венци горе на гробот на Гоце Делчев во СВ. Спас во 16:00 часот ќе имаме историски час на кој што јас ќе бидам модератор, а главни говорници ќе бидат проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ проф. д-р Христијан Мицкоски, а ќе се одржи во културниот дом Билјана Беличанец.