ПЕКОЛ НА БЛИСКИОТ ИСТОК Израел ги зголеми нападите на југот на Појасот Газа: „Болницата се тресе и владее паника!“

Израел ги засили воздушните напади во јужниот дел на Појасот Газа, каде што заложниците држени од Хамас се очекува да добијат лекови и хуманитарна помош за палестинското население според договорот постигнат со посредство на Катар и Франција.
Синоќа, очевидци пријавија напади во близина на болницата Насер во Кан Јунис, главниот град на југ, каде, според Израел, се кријат локални водачи на палестинската исламистичка организација Хамас , објави Франс прес.

Напредувањето на израелските сили кон најголемата болница во Кан Јунис предизвика бегство на пациентите и на оние што се кријат во неа, што новинарите го снимија со камера.

– Болницата се тресе и владее паника – се наведува во пораката на американски лекар за Си-Ен-Ен, во која во позадина се слушаат и пукотници.

Израелската војска претходно објави дека Хамас неодамна извршил напад од комплексот на болницата.

Израел постојано го обвинува Хамас дека ги користи цивилите како жив штит, а околните области како воени позиции.

Министерството за здравство на Хамас соопшти дека 81 лице загинало во нападите во текот на ноќта помеѓу вторникот и средата во Кан Јунис и други области низ Газа.

ОН предупредуваат дека хуманитарната ситуација во Газа е катастрофална, а постои закана од глад и здравствена криза среде зима и во време на најдолгиот прекин на комуникациите од почетокот на војната.

Повеќето жители не можат да контактираат со надворешниот свет од 12 јануари.

Доколку напорите за постигнување прекин на огнот или друго примирје како она на крајот на ноември не вродат со плод, посредништвото на Франција и Катар би требало да овозможи во следните часови да им се достави помош на палестинските цивили и лекови за заложниците.

Околу 250 луѓе беа киднапирани на 7 октомври во нападите на Хамас на југот на Израел и однесени во Појасот Газа.

Во тие напади, на израелска страна беа убиени околу 1.140 луѓе, од кои повеќето цивили, според податоците на Франс прес засновани на израелски информации.

Како одмазда, Израел вети дека ќе го уништи Хамас, кој владее со Газа од 2007 година, и ја нападна малата територија од воздух од копно и море.

Починале 24.285 лица, еден процент од населението, огромно мнозинство жени, деца и малолетни лица, покажуваат податоците на тамошното Министерство за здравство.

Израелските власти наведуваат дека 132 лица се водат како исчезнати, од кои 27 повеќе не се живи.

За време на седумдневното примирје во ноември беа ослободени околу 100 заложници.

Најмалку една третина од заложниците страдаат од хронични болести и им требаат лекови, предупредија нивните семејства.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изрази благодарност до оние кои придонесоа за договорот и инсистираше помошта да стигне до крајната дестинација.

Во Тел Авив синоќа противниците на војната се судрија со полицијата која демонстрираше против владата на Нетанјаху.

Претходно оваа недела израелскиот министер за одбрана Јоав Галант изјави дека интензивната фаза на операцијата е речиси завршена на север, а наскоро ќе заврши и на југ.