Пендаровски – До Хоанг Лонг: Македонија и Виетнам даваат поддршка за промовирање на регионалниот и глобалниот мир и стабилност
Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на До Хоанг Лонг, новоименуваниот амбасадор на Социјалистичка Република Виетнам во Република Македонија.
Во обраќањето на церемонијата на предавање на акредитивните писма претседателот Пендаровски, како што соопшти неговиот кабинет, посакувајќи срдечно добредојде во нашата земја на виетнамскиот амбасадор, посочил дека двете далечни земји ги поврзува долгогодишно пријателство, а во колективната меморија на нашите пријателски народи длабоко е врежано вреднувањето на мирот и стабилноста, како клучни предуслови за развој.
Тој истакнал дека Македонија и Виетнам даваат поддршка и свој придонес во меѓународната заедница, за промовирање на регионалниот и глобалниот мир и стабилност.
Претседателот оценил дека постои огромен неискористен потенцијал и заемен интерес за унапредување на соработката меѓу двете земји, како на билатерален, така и на мултилатерален план.
Амбасадорот До Хоанг Лонг во своето обраќање истакнал дека ќе направи се што може за да придонесе за пријателството и плодната соработка меѓу двете земји и изразил очекување за поддршка и помош од нашите институции.
Претседателот Пендаровски на амбасадорот До Хоанг Лонг му посакал успех и среќа во извршувањето на неговата ценета и одговорна мисија и изразил уверување дека во вршењето на неговите дипломатски должности ќе ја ужива нашата целосна поддршка.