Пендаровски за покачувањето на платите на функционерите: Таа одлука не може да се брани

– Таа одлука не може да се брани, кажувам како граѓанин не како претседател. Не може да се брани во време на кризи и кога замрзнувате животни продукти, рече претседателот на државата Стево Пендаровски во врска со зголемувањето на платите на функционерите.

За најавениот закон за систем на плати, посочи дека пред неколку дена разговарал со премиерот и ургирал, како што рече, колку е можно побрзо тој законски проект да оди напред и да биде усвоен. Му било одговорено дека многу интереси треба да се усогласуваат.

 -Ковачевски уште минатата година најави дека ќе имаме еден системски закон, ако ја паметите неговата изјава дека не може никој, не смее оној кој е на државен буџет да има поголема плата од претседателот, од премиерот итн., тоа конечно да се доведе во завршница и да имаме т.н. нивелација на платите. Значи, да не именувам посебни агенции, дел од нив се познати… има 50 проценти поголема плата од мојата или од премиерот, независно кој е претседател или премиер. Премиерот најчесто ги поставува директорите таму и да имате поголема плата од тој што ве поставува и пред кого треба и да одговарате, рече Пендаровски во интервју во Дневникот на ТВ Сител.

 Во врска со реформите во јавната администрација, кажа дека на таа тема постојано се зборува и дека „ЕУ нѐ критикува регуларно на таа основа“.

 – Нивото на услуги што ги нуди администрацијата кон граѓаните, не зборувам во целина, не се подобрува, а бројката на вработени во администрацијата се зголемува. Треба да биде обратно – мала администрација, но професионално обучена, ефикасна и добро платена…Да цитирам една изјава на наш официјален функционер – дали ви се верува дека во оваа држава има над 1300 различни агенции, дирекции итн. Барем за половината од нив не можете името да им го погодите ниту да знаете што всушност работат, рече шефот на државата.