Пендаровски: Обврска ни е да овозможиме ефикасно и неселективно спроведување на Законот за спречување и заштита од дискриминација

 Дискриминацијата е една од најголемите закани за човековите права и слободи. Актуелниот Закон за спречување и заштита од дискриминација утврдува механизми, мерки и активности за правна заштита и целосно е усогласен со легислативата на Европската Унија и меѓународните стандарди во оваа област и наша обврска е да овозможиме негово ефикасно и неселективно спроведување како и што доликува на едно отворено и демократско општество.

Ова го порача претседателот  Стево Пендаровски на отворањето на конференцијата „Дали Република Северна Македонија е фер земја? Како институциите заеднички да ја унапредат борбата против дискриминацијата?“ во организација на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

Осврнувајќи се на податоци од анкета на Центарот за управување со промени и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, шефот на државата рече дека ни е потребен значителен ангажман од сите надлежни чинители во општеството за подобрување на состојбите.

Според истражувањето, најчести основи за дискриминација се политичката и етничката припадност, особено во областа на вработувањето, здравството и административните услуги.

– Посебно треба да не загрижува податокот дека над две третини од испитаниците воопшто не би поднеле претставка до државна институција во случај на дискриминација, најчесто поради недоверба во системот. Над 80 проценти од анкетираните сметаат дека институциите не ги третираат еднакво сите граѓани. Притоа, најсиромашните, лицата со попреченост и припадниците на ромската заедница се меѓу најдискриминираните наши сограѓани, истакна Пендаровски.

Причини за дискриминација има повеќе, ги знаеме и ги живееме, рече претседателот Пендаровски, сиве овие години: од стереотипите и стравот од различните од нас, повеќедецениската партизација на институциите, етнизација на политиката и намалената доверба на граѓаните во државните структури, на локално и на централно ниво.

– За драстично редуцирање на системската дискриминација, неопходно е таа да биде адресирана од повеќе агли. Централна улога во овој процес има Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, којашто за нецели три години разгледа стотици претставки и донесе свои одлуки и мислења. Заедно со  Министерството за труд и социјална политика и Јавниот правобранител, Комисијата го чини јадрото на борбата со системската дискриминација, промовирајќи еднаквост и унапредување на човековите права, а преку тоа и елиминирање на сите видови на дискриминација, посочи Пендаровски.

Тој порача дека е потребно сите надлежни институции, вклучително и на прво место, како што рече, политичките фактори, да ѝ дадат целосна поддршка на Комисијата да работи непречено и со полн капацитет.

– Спречувањето и заштитата од дискриминација не е обврска само за Комисијата, туку и на секоја државна институција која треба да даде пример во таа насока. Институциите, особено правосудните органи, треба да придонесат кон овој потфат со тоа што ќе ги расчистат сите пријавени случаи за правдата да биде задоволена. Ги повикувам и граѓанските организации и активисти да бидат уште погласни и да укажуваат секогаш кога некоја од ранливите групи сограѓани се соочува со некаков вид на дискриминација. Се разбира, свој придонес треба да даде и бизнис секторот кој треба да ги сузбива случаите на дискриминација во нивната работа кога и да се појават, додаде Пендаровски.

Минатата година Кабинетот на претседателот со Комисијата потпиша Меморандум за соработка со цел да ги координираат нивните активности за заштитата и целосно и еднакво уживање на човековите права и слободи за сите граѓани во Северна Македонија.

Во Рамката за развој МКД2030, посочи шефот на државата, еден од приоритетите е инклузивниот развој, кој го стеснува просторот за дискриминација по која било основа и подразбира почитување на човековите права во сите сектори.

– Тоа значи системско вградување на меѓународните стандарди и норми, градење на подобра социјална кохезија, обезбедување бесплатна правна помош за ранливите категории и развивање на функционални механизми за овозможување на родова еднаквост во земјата, рече Пендаровски и порача дека водени од принципите на правдата и правичноста треба да се стремиме да градиме општество во кое и најранливите меѓу нас ќе ги уживаат човековите права и слободи.

На конференцијата, која ќе опфати неколку панели, воведни обраќања имаат и министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска, народниот правобранител Насер Зибери, претседателот на КСЗД Исмаил Камбери, амбасадорот на Обединетото Кралство Метју Лосон и извршната директорка на Центар за управување со промени (ЦУП), Неда Малеска-Сачмароска.