Пендаровски се сретна со белгискиот премиер Александер де Кро

– Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, денес во Брисел, во рамките на работната посета на Белгија, оствари средба со премиерот на Кралството Белгија, Александер де Кро.

Според соопштението на претседателскиот кабинет, на средбата биле констатирани пријателството и партнерството меѓу двете држави, а во фокусот на разговорите биле билатералните односи, евроинтеграцијата на Северна Македонија, економската соработка, како и политичките и економските текови во Европа.

Пендаровски го поздрави позитивниот тренд на зајакнување на политичкиот дијалог меѓу двете земји и оцени дека честите размени на посети на високо ниво дополнително ќе ја продлабочат политичката доверба, а ќе го поттикнат и економскиот развој.

Соговорниците изразија задоволство од унапредувањето на економската соработка меѓу двете земји и зголемувањето на белгиските инвестиции во Северна Македонија.

Пендаровски изрази благодарност до белгискиот премиер за доследната и постојана поддршка на европските интеграции на Северна Македонија и политиката на проширување на ЕУ, како процес од стратегиско значење за регионот.

Во тој контекст беа разменети мислења и ставови за претстојното белгиско претседавање со Европската Унија во првата половина на 2024 година.

На средбата се разговараше и за стабилноста и безбедноста на европскиот континент, при што беше посочена важноста на партнерството во НАТО во справувањето со геополитичките предизвици наметнати од војната во Украина.