Пензиите се зголемени, пензионерите незадоволни

Пензионерите го добија најавеното покачување – најниските пензии се зголемија за 10 евра, највисоките за 65 евра. Започна исплатата на мартовските пензии кои се повисоки за 5,3%. Најголемиот дел, 40% од пензионерите кои примале месечно од 12,5 до 16 илјади денари добивале од 660 до 850 денари плус на сметките. Зголемување од речиси 3.000 денари добија и оние од највисоката група кои примаа над 54 илјади денари пензија.

Во државата, од вкупно 337 илјади, има и 19 пензионери, чии примања се 76 илјади денари. Пензиите ќе им се зголемат за 4.000 денари. Повеќето пензионери не се задоволни од ова зголемување. Нивната пензија не е доволна ниту за храна, ниту за лекови.

За да се премости јазот меѓу највисоките и најниските пензии, пензионерите бараат да се врати линеарниот раст, односно сите пензии да се зголемат за истиот износ.

Инаку, пензиите се усогласуваат двапати годишно, еднаш во март и еднаш во септември. Лани во март се зголемени за 8,4, додека во септември за 5,3, што е сегашниот пораст. Колку ќе се зголемат во септември ќе зависи од зголемувањето на просечната плата и на трошоците за живот.