Песков: Внимателно ќе ги следиме разговорите меѓу Ердоган и Зеленски

– Русија внимателно ќе ги следи денешните разговори меѓу турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и неговиот украински колега Владимир Зеленски, соопшти Кремљ, пренесува Анадолу.

„Се разбира, многу внимателно ќе ги следиме резултатите од преговорите. Ги одржуваме нашите конструктивни партнерски односи со Анкара, ги цениме овие односи и чувствуваме реципроцитет од турската страна. Затоа, се разбира, ќе бидеме заинтересирани да знаеме за што ќе се разговара помеѓу господин Ердоган и господин Зеленски. Тоа е важно“, изјави портпаролот Дмитриј Песков за новинарите на прес-брифингот во Москва денес.

Портпаролот, исто така, ги пофали напорите на турскиот претседател за ставање крај на војната во Украина, што избувна минатата година во февруари.

„Ердоган постојано вложуваше големи напори за решавање на различни проблеми во контекст на украинскиот конфликт, имаше посредничка улога и оваа улога беше високо ценета од претседателот на Русија“, рече тој.

За можната средба меѓу руските и турските лидери, тој рече дека таа може да се одржи во догледна иднина, но во моментов не е на распоред.

Што се однесува до контактите меѓу Русија и Украина, Песков рече дека Москва „никогаш не ја затворила вратата пред преговарачкиот процес“, но во моментов не гледа основа за продолжување на мировните преговори.

„За нас е важно да ги постигнеме нашите цели, тие можат да се постигнат на различни начини. Но, сега, за жал, политичките и дипломатските средства се недостапни, на прво место поради негирањето на таквата можност и од режимот во Киев, како на прво место изразената неподготвеност за таков процес од страна на Вашингтон“, рече тој.

Според Песков, САД „вршат директно влијание и водство“ врз украинските власти.

Разговорите меѓу Ердоган и Зеленски ќе се одржат во Истанбул, при што се очекува на врвот на агендата да бидат мировниот процес во Украина и продолжувањето на договорот за жито од Црното Море, што истекува кон крајот на овој месец.