Мандатарот Талат Џафери ги достави програмата и Предлог – составот на преодната Влада до Собранието, а спикерот Јован Митрески седницата за избор на новата Влада ја закажа за утре (28 јануари, недела) за 11 часот.
Во Програмата на Владата мандатарот Џафери наведува дека приоритет на оваа Влада ќе бидат успешно организирање на слободи, фер и демократски избори на 24 април и 8 мај, продолжување на сите процеси кои произлегуваат од започнатите пристапни преговори со ЕУ и забрзаната европска интеграција, раст и развој на економијата, пораст на животниот стандард преку зголемување на минималната и просечната плата и пензиите во 2024 година, намалување на инфлацијата, и одржување на ценовната стабилност и на вработеноста, директна поддршка на граѓаните и компаниите во 2024 година, владеење на правото, борбата против криминалот и корупцијата, целосен ред и поредок на државата, продолжување на реформските процеси на сите државни нивоа.
– За таа цел Владата врз основа на широкиот меѓупартиски дијалог ќе овозможи ефикасно имплементирање на препораките на ОБСЕ/ОДИХР и останатите меѓународни организации со цел да се овозможат највисоките европски стандарди во процесот во изборната кампања и самите избори, односно да се одржат избори со целосен легалитет, легитимитет и консензуално прифаќање на изборната волја на граѓаните, се посочува во програмата на мандатарот Џафери.
Во Предлог – составот на преодната влада, прв заменик премиер на Владата и вицепремиер за европски прашања ќе биде Бојан Маричиќ, додека Артан Груби – министер за политички систем и односи меѓу заедниците.
Панче Тошковски на предлог на ВМРО-ДПМНЕ е предложен за министер за внатрешни работи, како и Ѓоко Велковски предлог за министер за труд и социјална политика.
На досегашните места остануваат Кренар Лога – министер за правда, Бујар Османи- министер за надворешни работи, Фатмир Бесими – министер за финансии, Крешник Бектеши – министер за економија, Љупчо Николовски – министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Фатмир Меџити – министер за здравство, Јетон Шаќири – министер за озбразование, Ристо Пенов – министер за локална самоуправа, Бисера Костадиновска Стојчевска- министерка за култура, Азир Алиу – министер за информатичко општество и администрација, Благој Бочварски – министер а транспорт и врски, Каја Шукова – министерка за животна средина и Фатмир Битиќи, министер без ресор задолжен за економски прашања и Славица Грковска, министерка без ресор задолжена за политики за добро владеење.
Се очекува по изгласувањето на техничката влада, утре во Собранието да се одржи уште една седница на која ќе се гласа за дополнителните заменици министри, како и да се верификува мандатот на еден пратеник кој ќе дојде на местото на Талат Џафери, кому му е доверен мандатот да формира техничка Влада.
СДСМ го предложи Митко Бојмацалиев е кандидат за дополнителен заменик министер за внатрешни работи, а досегашната министерка Јованка Тренчевска ќе биде дополнителна заменилка министерка во труд и социјала.
ВМРО-ДПМНЕ за дополнителен заменик– министер за финансии ја предложи Елена Петрова, за информатичко општество и администрација Стефан Андоновски, а за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски.
Преодната влада се избира на 100 дена пред изборите кои се закажани за 8 мај, а ќе функционира до изборот на новата влада. Две недели претходно ќе се одржат претседателските избори.