Полицијата го извести ОЈО за злоупотребени фотографии на девојчиња од страна на деветтоодделенци во Кавадарци
Полицијата поднесе писмено известување до ОЈО за настанот со злоупотребени фотографии на малолетни девојчиња од страна на деветтоодделенци во Кавадарци, потврди попладнево за МИА портпаролката на СВР Велес, Биљана Ѓаковска.
– Ве известуваме дека во врска со случајот, Надворешната канцеларија за криминалистички работи при ОВР Кавадарци поднесе Писмено известување до Основно јавно обвинителство Кавадарци, се вели во писмениот одговор.
Настанот со злоупотребени фотографии на малолетни девојчиња од страна на деветтоодделенци во Кавадарци се случил надвор од училиштето, потврдија пред два дена од ДПИ за МИА.
– Соред информациите кои ги добивме од надлежен просветен инспектор, настанот се случил надвор од училиштето, а на случајот работи Министерството за внатрешни работи по пријава на родителите, се вели во писмениот одговор од Државниот просветен инспекторат.
МИА минатиот петок информираше дека шест малолетници од основно училиште се пријавени во кавадаречката полиција, злоупотребиле фотографии од малолетни девојчиња. Тогаш побаравме одговор за ова од портпаролката на СВР Велес, Биљана Ѓаковска.
– Ве известуваме дека во ОВР Кавадарци, заедно со нивните родители, повикани се шест малолетници од Кавадарци и со нив бил извршен службен разговор во врска со претходна пријава од родители дека биле злоупотребени лични податоци, односно фотографии од нивните малолетни ќерки. Според пријавеното, фотографии биле преземени од социјални мрежи и на нив биле измонтирани фотографии со недолична содржина, одговори тогаш Ѓаковска.
Таа тогаш рече дека се работи на расчистување на случајот, по што ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.
Родител на едно од девојчињата за МИА рече дека деветтоодделенците правеле монтажи, главите од фотографии преземени од фејсбук на повеќе девојчиња, помлади и постари од нив, ги монтирале со апликација на експлицитни фотографии од голи тела и ги споделувале по групни чатови.