Полска и Словачка ги повикуваат сојузниците од НАТО да испратат борбени авиони во Украина

 Властите во Полска и Словачка ги повикуваат своите сојузници да обезбедат борбени авиони за Украина и велат дека се подготвени да ги испратат своите советски суперсонични борбени авиони МиГ-29 во Киев како дел од меѓународната коалиција. Засега останува нејасно дали другите западни поддржувачи на Украина се подготвени на тој чекор. 

„Мислам дека е време да се донесе одлука. Луѓето во Украина умираат. Навистина можеме да им помогнеме“, напиша на Фејсбук словачкиот министер за одбрана Јарослав Над.

Полскиот претседател Анджеј Дуда изјави за Си-Ен-Ен дека Полска е подготвена да и ги даде на Украина своите МиГ-ови во коалиција со други земји. Над, исто така, во средата рече дека разговарал за ова со својот полски колега на состанокот во Шведска и дека двајцата се согласиле за тоа прашање.

Полското Министерство за одбрана соопшти дека Варшава е подготвена да ги предаде своите борбени авиони МиГ-29 на Украина како дел од меѓународна коалиција.