Поп и попадија проневерија милион евра! Основале Невладина организација за помош на сиромашни деца а всушност преку неа переле пари

Грчкото правосудство отвори кривична постапка за перење пари и проневера против православен свештеник и неговата жена – основачи на најголемата грчка невладина организација која се грижи за сиромашните деца.

По истрагата која траеше повеќе од една година, сопругата на свештеникот, одговорна за невладината организација „Кивотос ту Косму“ (Арка на светот), се гони за измама, проневера и перење пари, додека нејзиниот сопруг, свештеникот Антониос Папаниколау, се гони за поттикнување на тие кривични дела.

Тие се соочуваат со казна затвор од 10 до 20 години.

Според грчката новинска агенција АНА, извештајот од истрагата покажува дека парот имал значителни неоправдани трошоци во име на нивната организација, како што се купување на недвижен имот во Епир, на северот на Грција и повлекување на два милиони евра од Средствата на НВО, кои не беа искористени за организацијата.

Во станот на невладината организација што го користел Отец Антониос биле пронајдени разни предмети, часовници и накит во вредност од 470.000 евра, додека, според истиот извор, од касата на невладината организација исчезнале 300.000 евра.

Истрагата за измама и обвиненија за насилство и сексуална злоупотреба беше покрената во ноември 2022 година против таа водечка грчка невладина организација која има домови за напуштени деца или деца од сиромашни семејства во Атина и други градови.

Истрагата за наводната злоупотреба на деца сè уште е во тек. Отец Антониос, кој ги отфрла сите обвиненија, ќе биде суден од страна на Кривичниот суд во Атина за насилство и сексуална злоупотреба во април.

„Кивотос ту Косма“ беше домаќин на стотици деца во последниве години и доби многу награди, вклучително и годишната награда на Европскиот парламент за 2018 година „Награда за европски граѓани“ за поединци или организации кои особено се истакнале во зајакнувањето на европската интеграција преку изразување на европската соработка, отвореност кон другите и практично вклучување во развојот на меѓусебното разбирање.