ЕВН Македонија вчера регистрирала најголема потрошувачка на електрична енергија во земјава во изминатите 30 дена. Како што информираат за МИА од компанијата, од 17 јуни до 17 јули вкупно се потрошени 405.028 мегават часови електрична енергија што, според нив, се должи на високите температури во овој период.
-Најголема потрошувачка од 16.015 мегават часови е регистрирана вчера, во еден од најтоплите денови во овој период со минимални 21 и максимални 38 степени Целзиусови измерени на скопскиот аеродром, велат од ЕВН Македонија за МИА.
При тоа нагласуваат дека скопскиот регион како најголемо конзумно подрачје во изминатите 30 дена има вкупна потрошувачка од 148.399 мегават часови електрична енергија или во просек по 4.787 мегават часови дневно, а вчера потрошувачката изнесувала 6.070 мегават часови.
Потсетуваат дека минатата година во периодот од 17 јуни до 17 јули вкупната потрошувачка на електрична енергија изнесувала 421.287 мегават часови, а просечната дневна потрошувачка била 13.590 мегават часови.
-Разликата во потрошувачката од лани до годинава се јавува заради разликата на температурите. Годинава во овој период имаме значително пониски температури во јуни и повисоки во јули во однос на истиот период лани, посочуваат од ЕВН Македонија.
Од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, пак, апелираат граѓаните рационално да ја користат водата и укажуваат на зголемена потрошувачка на вода заради високите температури.
-Особено апелираме да се избегнува непотребно трошење на водата за полевање на зеленило, бавчи и ниви, за перење автомобили, за полнење на базени, но и спречување на злоупотребата преку дивите приклучоци, велат од јавното комунална претпријатие.