Поранешен тајландски војник на својата свадба пукал во невестата и нејзините роднини, по што се самоубил
Поранешен тајландски војник пукал во својата невеста и уште три лица пред да изврши самоубиство на својата свадба, соопшти полицијата.
Чатуронг Суксук (29) и Канчана Пачунтхуек (44) се венчаа во саботата во североисточниот дел на Тајланд.
Според извештаите, тој нагло ја напуштил свадбената веселба и се вратил со пиштол, пукајќи во сопругата, нејзината 62-годишна мајка и 38-годишна сестра.
Залутани куршуми погодиле двајца гости, кои биле пренесени во болница. Еден од нив починал.
Полицијата за Би-Би-Си изјавила дека Чатуронг „во тоа време бил доста пијан“, но неговиот мотив останува нејасен. Пиштолот и муницијата ги купил легално минатата година.
Тајландските медиуми, повикувајќи се на тоа што гостите на забавата и го кажале на полицијата, велат дека двојката се скарала за време на забавата. Исто така, беше објавено дека Чатуронг се чувствувал несигурен поради разликата во годините меѓу него и Канчана.
Сепак, полицијата соопшти дека тоа се уште се шпекулации, додавајќи дека собрале докази и очекуваат „наскоро“ да го затворат случајот.
Чатуронг и Канчана живееле заедно три години пред да се венчаат, пишуваат тајландските медиуми.
Тој ја изгубил десната нога додека бил на должност со паравоените лесни пешадиски сили, кои патролираат по границите на Тајланд.