Американската компанија Celestis, позната по лансирањето на меморијални вселенски летови, сега планира во вселената да испрати посмртни останки на четворица поранешни американски претседатели, а мисијата ќе биде извршена оваа година.
Колку и да звучи чудно, Celestis не е нова компанија која се обидува да привлече внимание. Компанијата постои повеќе од две децении, па дури беше ангажирана од американската вселенска агенција НАСА за да му оддаде чест на научник во нејзино име. Овој пат во својата мисија компанијата ќе отиде во длабоката вселена, подалеку од вселенскиот телескоп James Webb.
Летот наречен Enterprise ќе ги носи посмртните останки на претседателите, чија капсула ќе оди подалеку од системот Земја-Месечина и ќе им се придружи на другите планети, месечини, астероиди и комети на своето „бесконечно патување низ космосот“.
Мисијата ќе ја користи ракетата Vulcan Centaur на United Launch Alliance, која ќе биде лансирана од Кејп Канаверал оваа година. Посмртните останки на поранешните претседатели Џорџ Вашингтон, Роналд Реган, Џон Ф. Кенеди и Двајт Ајзенхауер ќе бидат испратени во вселената.
Сепак, тоа не е сѐ, бидејќи во вселената ќе бидат испратени и посмртните останки на Џин Роденбери, неговата сопруга Мејџл Барет-Роденбери, синот Јуџин и некои членови на актерската екипа на франшизата „Star Trek“.
Колку сето ова има смисла, многумина се прашуваат, меѓутоа, на веб-страницата на компанијата се споменува ДНК и нејзиното зачувување илјадници години без ризик од деградација. ДНК може да се користи како космичка временска капсула која овозможува учење за минатото.
Во Celestis се надеваат дека технологијата што ќе им биде достапна на следните генерации ќе овозможи не само „читање на ДНК“, туку и да обезбеди информации за човештвото и личностите на кои им припаѓа.